Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во средата во Бенин дека Русија е „една од последните колонијални империјални сили“ откако започна војна во Украина.
„Русија започна офанзива против Украина, тоа е војна за територија за која мислевме дека исчезна од европското тло…“, рече Макрон на прес-конференција со неговиот бенински колега Патрис Талон во Котону.
„Русија е една од последните колонијални империјални сили“, бидејќи реши да „нападне соседна земја за да ги брани своите интереси таму“, рече францускиот лидер.
За францускиот претседател, кој е на африканска турнеја во исто време со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, „Русија започна нов вид хибридна светска војна“.
„Одлучи дека информациите, енергијата и храната се воени инструменти ставени во служба на континенталната империјалистичка војна против Украина“, рече Макрон.
Според него, Русите се тие што создаваат „нерамнотежа и покрај сите дипломатски турнеи и дезинформации што ги шират низ светот“, а Русија е една од земјите што најмногу користи пропагандни инструменти, особено преку телевизијата „Раша тудеј“ и „Спутник“.
Тој повторно ја осуди „уцената“ на Москва во однос на храната, „затоа што го блокираа житото во Украина“, но и енергијата за Европејците. „Мислам дека е мудро Европејците да не се изложуваат на овие стратегии, бидејќи тоа е еден од елементите на оваа хибридна војна“, додаде тој.
Емануел Макрон веќе ја критикуваше Москва еден ден претходно, за време на неговата посета на Камерун.
Во исто време, Сергеј Лавров во Уганда изјави дека Русија не е одговорна за „енергетската и прехранбената криза“, осудувајќи ја кампањата што се води околу неа.