Сериската верзија на прототипот DS E-Tense Performance со 805 КС може да стане реалност, но ќе биде автомобил само за тркачки патеки, ограничено издание и преполн со технологија од Формула Е.
Со 0 до 100 км/ч за само 2,0 секунди, овој електричен автомобил би бил еден од најбрзите произведени досега, но би имал „многу висока“ цена, изјави извршната директорка на DS, Беатрис Фушер за британски „Autocar“.

Концептот беше претставен во февруари оваа година како дел од развојниот проект со инженерите на Формула Е тимот DS Techeetah, во кој француската компанија има голем удел.
E-Tense Performance има преден мотор со 335 КС и заден мотор со 469 КС, кои заедно произведуваат 805 КС.

„Никогаш не би оделе на спортски автомобили, тоа не е позиционирање на брендот, но на крајот на денот кога сите го видоа прототипот [DS E-Tense Performance], рековме „ок, би било добро да можеме да изградиме еден, или да се продава овој тип на автомобил“, но одлуката се уште не е донесена“, изјави Фушер и додаде: „Ако донесеме одлука, ќе ја вклучиме технологијата [што ја научивме од] Формула Е, така што тоа значи, во смисла на хомологација, не би било можно да се хомологира за пат, така што би бил за патеки, а ако направиш болид за патека, тоа би било во многу мали количини, и по многу високи трошоци и цени. Не знам дали има добра равенка за тоа, но на сите им се допадна болидот, па ќе видиме“.

На прашањето дали производствената варијанта би можела да привлече идеи и технологија од спортските брендови во групата Stellantis, како што е Alfa Romeo, Фушер вели: „Очигледно она што [Stellantis] го дизајнира во однос на технологијата, генерално земено, одговара на сите премиум брендови, така да „да“, во однос на погонската единица, батериите и електричните модели“.