Иран има технички капацитет да направи атомска бомба, но нема намера да направи такво нешто, изјави шефот на иранската Агенција за атомска енергија Мохамад Еслами, пренесе полуофицијалната новинска агенција „Фарс“.
Еслами на тој начин ги повтори неодамнешните коментари на Камал Харази, висок советник на врховниот водач Али Хамнеи.
„Како што спомна господинот Харази, Иран има техничка способност да направи атомска бомба, но таква програма не е на дневен ред“, рече Еслами.
Иран веќе збогатува ураниум до 60 отсто чистота, што е далеку над претходно поставената граница од 3,67 отсто, пропишана во нуклеарниот договор на Иран со светските сили од 2015 година.
За нуклеарна бомба е потребен 90 отсто збогатен ураниум.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го напушти нуклеарниот договор во 2018 година, според кој Техеран го ограничи збогатувањето ураниум во замена за укинување на меѓународните економски санкции.
Главниот ирански нуклеарен преговарач Али Багери Кани во неделата изјави дека Иран сака разговорите за повторно активирање на нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Техеран и големите светски сили да завршат што е можно поскоро.