Кина: Нема да седиме со скрстени раце ако Пелоси оди на Тајван

од Stefanija Kuzmanovska
103 прегледи

Кинеската војска „нема да седи со скрстени раце“ доколку претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, го посети Тајван, предупреди денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан.

Тој на редовниот брифинг на кинеското Министерство за надворешни работи рече дека посетата на Пелоси на Тајван, како трет по ранг функционер на американската влада, ќе има невидени политички последици, пренесува „Ројтерс“.

Пелоси денеска пристигна во Сингапур каде ја започнува својата азиска турнеја, но се уште не се знае дали ќе оди и на Тајван.

Кинескиот претседател Си Џинпинг го предупреди својот американски колега Џозеф Бајден за време на телефонскиот разговор минатата недела да не се меша во работите на Пекинг со островот.

Пекинг смета дека официјалниот контакт на САД со Тајван го охрабрува Тајпеј да постигне независност, но американските лидери го негираат тоа.

Доколку го посети Тајван, Пелоси ќе биде највисокиот американски функционер што го посетил Тајван од 1997 година, кога тогашниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич го посети островот.

Администрацијата на Бајден се обиде да го увери Пекинг дека нема причина за кавга и дека доколку се случи таква посета на Пелоси, тоа нема да биде знак за промена на американската политика.

Слични содржини