Пекинг: Нема простор за независност на Тајван и мешање од надвор

од Nikola Popovski
126 прегледи

Пекинг цврсто ќе го брани својот суверенитет и територијален интегритет, не оставајќи простор за независност на Тајван, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за одбрана Тан Кефеи.

„Ние цврсто ќе го браниме суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, никогаш не оставајќи простор за независност на Тајван, ниту за надворешно мешање. Кинеската политика на национално обединување е неизбежен историски тренд. Никој не треба да ја гази волјата на народот. Кога си играш со оган, можеш да изгориш“, рекол Тан, а пренесува ТАС С, повикувајќи се на платформата WeChat.

Тензии меѓу Пекинг и Тајпеј предизвика посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на Тајван.

Тајван е управуван од локална администрација од 1949 година, кога преостанатите сили на Чианг Каи-шек (1887-1975) биле поразени во Кинеската граѓанска војна и се засолниле на островот.

Тајван го зачувал знамето и неколку други симболи на Република Кина од времето пред да дојдат на власт комунистите.

Според официјалниот став на Кина, кој го поддржуваат повеќето земји, вклучително и Русија, островот Тајван е една од кинеските провинции, наведува руската агенција.

Слични содржини