Одбиен предлогот за примирје: Нови жртви во појасот Газа

од Stefanija Kuzmanovska
222 прегледи

Ситуацијата во Газа не се смирува и, како што пренесуваат израелските медиуми, повикувајќи се на палестинските, во воздушни напади на израелската армија загинале две лица. Армијата од утрово ја продолжи офанзивата против палестинската група „Исламски џихад“.

Најмалку едно лице загина, а најмалку две се повредени во воздушен напад на израелските сили кај Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, јавуваат палестинските медиуми, пренесе „Тајмс оф Израел“.

Во друг воздушен напад, мотоциклист загина во населбата Шејаја во градот Газа.

Кабинетот на израелскиот министер за одбрана Бени Ганц денеска соопшти дека тој им наредил на израелските вооружени сили да продолжат со офанзивните акции против палестинската група Исламски џихад во Појасот Газа.

Утринава Ганц одржал состанок со началникот на израелските вооружени сили Авив Кохави и други високи воени и безбедносни функционери на кои била проценета моменталната состојба на теренот, пишува весникот „Тајмс оф Израел“.

– Министерството за одбрана насочи офанзивни акции против припадниците на Исламскиот џихад, со акцент на операциите за спречување ракетни напади врз цели во Израел – се наведува во соопштението од кабинетот на Ганц и се наведува дека е издадена наредба за обезбедување помош за жителите на југот кои се изложени на ракетен оган од синоќешните напади.

Исламски џихад го отфрли предлогот на Египет за привремен прекин на огнот со Израел, објави телевизијата Ал-Мајадин, поврзана со Хезболах.

– Сега е време да се одговори на злосторствата на окупацијата – изјави за Ал Мајаден извор од палестинскиот Исламски џихад.

Одговорот дојде откако египетските преговарачи предложија пауза во непријателствата за да се создаде можност да се преговара за подолгорочен прекин на огнот, објави израелскиот дневен весник „Тајмс оф Израел“.

Слични содржини