Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека испратило авиони и бродови за „соодветно“ да одговорат на кинеските воени вежби околу островот.
Премиерот во Тајпеј, Су Ченгчанг денеска оцени дека Пекинг „арогантно“ користел воени дејствија за да го поткопа регионалниот мир и стабилност.
Зборувајќи пред новинарите во Тајпеј, Су го повика Пекинг да не демонстрира воена сила и ги осуди „странските непријатели“ кои, како што рече, се обидуваат да го поткопаат моралот на луѓето во Тајван преку сајбер напади и кампања за дезинформации.
Околу десет кинески и тајвански воени бродови сè уште се во близина на средната линија во Тајванскиот теснец, изјави за Ројтерс извор запознаен со безбедносната ситуација во регионот.
Двете страни досега покажаа воздржаност, рече изворот.
Министерството за одбрана во Тајпеј соопшти дека бројни кинески воени авиони, бродови и беспилотни летала и денеска продолжуваат со воени вежби во близина на Тајван, симулирајќи напад на тој остров и тајванската морнарица.
Министерството посочува дека испратило авиони и бродови за „адекватно“ да одговорат на кинеските воени вежби околу островот.
Оваа недела Пекинг започна големи воени вежби како одговор на посетата на Тајван на претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Ненси Пелоси, наведува британската агенција.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека меѓународната заедница мора да се обедини против „непромислениот“ притисок на САД и нивното мешање во внатрешните работи на другите земји.