Експлозиите на воениот аеродром Саки, на западот на Крим, кои предизвикаа загуба на осум руски борбени авиони оваа недела, предизвикаа значителна штета на авијацијата на руската Црноморска флота, соопшти денеска британското министерство за одбрана.
Додека оштетените авиони претставуваат само дел од вкупната авијација на флотата, Британија вели дека инцидентот ќе има влијание врз способностите на Русија во Црното Море, бидејќи аеродромот Саки се користи како примарна оперативна база, пренесува „Ројтерс“.
Базниот аеродром најверојатно остана оперативен, но областа до пистата претрпе сериозни оштетувања, додаде министерството за одбрана во редовниот разузнавачки билтен на Твитер.
Експлозиите, во кои, според соопштението на Русија, едно лице загина, а пет беа повредени, ќе ја поттикнат нејзината армија да ја ревидира својата позиција за можните закани во регионот, соопшти британското министерство.