Курти: Зголемете го бројот на војници на НАТО во Косово

од Берта Китинска
199 прегледи

Поради заканите од Србија и Русија, итно би било неопходно значително да се зголеми бројот на војници на НАТО на Косово, изјави косовскиот премиер Албин Курти во интервју за германскиот весник „Велт“.

Тоа секако би ни ја подобрило безбедноста, а би ни помогнало и доколку во КФОР се приклучат повеќе германски војници отколку порано, бидејќи тоа би ја зголемило моќта на одвраќање, изјави Курти, пренесува Дојче веле.

Курти истакна дека Косово ги зголемило трошоците за одбрана за 52 отсто, а Косовските безбедносни сили сега имаат 5.000 припадници и уште 3.000 резервисти.

Според неговите зборови, околу Косово има 48 српски воени бази, а Русија и Србија тесно соработуваат во воената политика и во 2021 година презеле 104 маневри и активности во кои делумно учествувале белоруските вооружени сили.

Курти рече и дека оваа есен или зима, а најдоцна до Божиќ 2022 година, Приштина ќе поднесе барање за членство во Европската унија и оцени дека Косово е „најдемократската и најпрозападна земја“ на Западен Балкан.

Според косовскиот премиер, блиските договорни врски со Европската унија веќе се постигнати преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација, врз која може дополнително да се надоградува.

Дополнително, по целосно неоправданиот напад на Русија врз Украина, безбедноста на европскиот континент е загрозена и затоа би било важно на Косово на своја страна да има стабилен партнер на Западен Балкан. И двете страни ќе имаат еднаква корист, рече Курти.

Слични содржини