Мисијата на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) ќе ја посети нуклеарната централа Запорожје во Украина оваа недела, објави денеска на Твитер шефот на агенцијата – Рафаел Гроси.
„Мораме да ја заштитиме безбедноста на најголемиот нуклеарен капацитет на Украина и Европа“, напиша Гроси, додавајќи дека тој ќе ја води мисијата.
Најголемата европска нуклеарна централа Запорожје, заземена од руските сили во март, но управувана од украински персонал, е главна точка на удар во шестмесечниот конфликт, бидејќи двете страни се обвинуваат меѓусебно за неодамнешното гранатирање во близина на централата.
Обединетите нации и Украина повикаа на повлекување на воената опрема и персонал од централата за да се осигураат дека таа не е цел.
„Дојде денот, мисијата за поддршка и помош на МААЕ за Запорожје (ИСАМЗ) сега е на пат“, објави Гроси, според ДПА.
Експертите на МААЕ треба да ја проценат физичката штета на објектот, да ја утврдат функционалноста на безбедносните системи, како и да спроведат итни заштитни активности, објави агенцијата.