Само што заврши дебатата во министерството за финансии околу даночната реформа. Ние како конструктивна опозиција учествуваме, и морам да заклучам дека повторно неспособноста на Владата предводена од СДСМ и ДУИ покажа уште еднаш дека целиот терет го става на граѓаните и стопанството и комплетно со оваа даночна реформа ќе се зголемуваат давачките кои што граѓаните и стопанството ги имаат кон државата. И тоа во најлош момент во земјава кога имаме и енергетска криза, кога гледаме дека граѓаните секојдневно добиваат повисоки сметки и за парно и за струја, а стопанството е пред колапс, изјави денеска Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, не е чесно во исто време некои фирми и граѓаните да плаќаат данок, а други да не плаќаат.
-Имаме општини и места, и делови од град каде што имаме фискални каси и се даваат фискални сметки, а делови од град или цели општини каде што не се знае ниту за фискална каса, ниту за фискална сметка. Морам да напоменам повторно, ВМРО-ДПМНЕ е против оваа даночна реформа, ВМРО-ДПМНЕ е повторно за она што цело време го протежираме а тоа се ниски и рамни даноци, потенцира Кочоска.
Таа додаде доколку дојде до промени, воопшто даночните политики и зголемување и оптоварување на граѓаните и стопанството, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги врати сите закони на постоечкото решение, односно ниски рамни даноци.