Што се превзело во Клиниката за анестезија, реанимација и интезивно лекување, позната како КАРИЛ соодветно да се подготви и да профункционира после поплавувањето, праша денеска Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка во Собранието.
Според неа, „КАРИЛ не е обична гаража или подрум, од кој што треба да се испумпа само водата и да се зачисти со џогер“.
-Доколку клиниката била поплавена од излевање на атмосферска канализација или други води до степен да препраќа пациети, тогаш овде се работи за многу сериозен и темелен процес на враќање во фунција. Не смее брзоплетоста на надлежните да чини животи. Оваа клиника е мошне сериозен и чувствителен дел од здравствениот систем и терцијарното здравство и не смее да се дозволи на било каков начин да се случуваат интерхоспитални инфекции, рече Стојаноска во обраќање до јавноста.
Од Министерството за здравство пред неколку дена соопштија дека пациентите од Клиниката се препраќаат по другите болници.
– Ве известуваме дека заради технички проблеми на единицата за интензивно лекување ЈЗУ УК ТОАРЛИУЦ КАРИЛ, сите пациенти кои бараат интензивна нега и лекување ќе се препраќаат во следните јавни здравствени установи, се до санација на дефектот: пациентите од Скопје во ГОБ „8 Септември“ и КБ „Наум Охридски“; пациентите од источна Македонија во КБ Штип; пациентите од централна Македонија во КБ Битола; Пациентите од западна Македонија во КБ Тетово, се вели во соопштението.