Поранешниот италијански министер Салвини ја оспори ефикасноста на санкциите против Русија

од Nikola Popovski
224 прегледи

Поранешниот италијански министер за внатрешни работи и лидер на екстремно десничарската партија Лига, Матео Салвини (Матео) денеска предизвика контроверзии бидејќи ја доведе во прашање ефективноста на европските санкции против Русија, воведени поради инвазијата на Москва на Украина.

„Поминаа неколку месеци и луѓето плаќаат сметки, двојно или дури четири пати повеќе. По седум месеци војната продолжува и руската каса се полни со пари“, изјави Салвини за радиото РТЛ пред одржувањето на локалниот економски форум во северна Италија.

Салвини праша дали санкциите функционираат и одговори негативно.

„До денес победници се оние што беа санкционирани, а оние што воведоа санкции се на колена“, рече поранешниот министер и додаде дека очигледно „некој во Европа греши во пресметката“.

Според него, неопходно е да се преиспита стратегијата за зачувување на работните места и бизнисот во Италија.

Лидерот на Демократската партија Енрико Лета, еден од главните противници на Салвини во актуелната кампања за парламентарните избори на 25 септември, рече дека е загрижен поради тоа што земја како Италија „ѝ намигнува на Русија“.

„Кога го слушам Салвини како зборува за санкции, се чувствувам како да ја слушам пропагандата на рускиот претседател Владимир Путин. Загрижен сум поради тоа што земја како Италија ѝ намигнува на Русија“, рече Лета.

Врските меѓу Салвини и Москва предизвикаа загриженост во Италија, особено од почетокот на инвазијата на Украина, со ризик да ги загрози неговата партија и десничарските сојузници во изборната кампања.

Слични содржини