НБ: Стабилноста на денарот е одржана успешно, банките се отпорни на шокови

од Vladimir Zorba
202 прегледи

Стабилноста на финансискиот систем беше одржана успешно и во 2021 година при што речиси сите сегменти од финансискиот сектор остварија забрзан раст. Банкарскиот систем, како главен дел од финансискиот систем, ја задржа својата сигурност, а со носењето на макропрудентните мерки во доменот на противцикличниот заштитен слој на капиталот, дополнително се зајакнува неговата отпорност на шокови. Стабилноста на девизниот курс, како клучен предуслов за финансиската стабилност, беше одржана успешно, со што уште еднаш се потврди цврстата определба на Народната банка за доследно спроведување на стратегијата на фиксен девизен курс, за што гарантира и соодветното ниво на девизни резерви. Ова се наведува во Извештајот за финансиската стабилност за 2021 година, којшто беше усвоен на редовната седница на Советот на Народната банка.

Во Извештајот се наведува дека по постепеното економско закрепнување од пандемијата лани, коешто позитивно придонесе за работењето на домашниот финансиски сектор и финансиската стабилност, избивањето на војната во Украина донесе нови предизвици. Иако, кризата во Украина нема директни влијанија врз домашниот финансиски сектор, последиците од неа се прелеаја во домашната економија преку движењата на глобалниот пазар на енергенти и основни производи, коишто создадоа притисок врз домашната инфлација. Народната банка од март 2022 година започна со постепено зголемување на основната каматна стапка, со што се придонесува за смирување на инфлациските очекувања и одржување на среднорочната ценовна стабилност.

Во текот на 2021 година, домашниот корпоративен сектор го нормализира работењето и почна да закрепнува од последиците на пандемијата, при што во целина ја заврши годината со подобрена профитабилност, умерен обем на задолженоста и релативно стабилна, иако традиционално ниска, ликвидносна позиција. Во вакви услови, закрепнаа активностите кај речиси сите субјекти од корпоративниот сектор, иако со различен интензитет, во зависност од обемот на претрпени пандемични загуби, спецификите на работењето и опфатеноста со заштитните мерки, како и можноста за приспособување на активностите кон условите на пандемијата. Ризиците поврзани со секторот „домаќинства” и натаму се во контролирани рамки, дури забележаа и извесно намалување. Ова беше поддржано од постпандемичното закрепнување на економијата, што придонесе за стабилизирање на пазарот на трудот и раст на расположливиот доход. Показателите за солвентноста и ликвидносната позиција на домаќинствата засега упатуваат на релативно ограничена системската ранливост на овој сектор.

Но, имајќи ја предвид непредвидливоста на целокупното опкружување предизвикана од продолженото траење на пандемијата и геополитичките тензии и случувањата помеѓу Русија и Украина, а особено сè повисоките цени на производите и нормализацијата на монетарните политики, дополнително растат ризиците за задолженоста на компаниите и домаќинствата и нивната способност за отплата на долговите. Со тоа се зголемуваат и ризиците за потенцијално идно поголемо остварување на кредитниот ризик и раст на нефункционалните кредити на банките.

Пазарот на недвижности се покажа како отпорен на неповолното влијание на пандемијата. Обемот на трансакции со недвижности во 2021 година значително го надмина претпандемичното ниво, а растот на цените на становите забрза и е над долгорочниот просек и долгорочниот тренд. Растот на цените на становите во еден дел е одраз на факторите на страната на понудата, како што се зголемените трошоци на градежните материјали и ефектите од пандемијата врз понудата на станови во претходната година. Растот на станбеното кредитирање, втора година по ред, придонесува за речиси половината од растот на вкупниот долг на домаќинствата, којшто и во 2021 година се зголемуваше со забрзана стапка на раст, којашто сепак беше пониска од растот на номиналниот БДП.

Банкарскиот сектор добро се справи со ризиците од пандемијата и е подготвен да одговори на предизвиците што би можеле да произлезат од руско-украинскиот конфликт. Ова во голем дел се должи на традиционално високата ликвидност и соодветната капитализираност на домашниот банкарски сектор, чијшто важен дел се заштитните слоеви на капиталот, што со зајакнувањето на домашната регулатива, банките ги изградија во претходниот период. Кредитното портфолио е здраво и стапката на нефункционални кредити бележи подобрување во однос на претпандемичниот период. Кредитниот раст забрза, поддржан од растот на депозитите и беше речиси подеднакво насочен кон домаќинствата и кон корпоративниот сектор. Отпорноста на банкарскиот сектор се потврдува и со редовните стрес-тестови коишто покажуваат дека банките се отпорни на можни шокови.

Капитално финансираното приватно пензиско осигурување и во текот на 2021 година остваруваше раст на акумулираните средства и забележа подобар принос од инвестирањето, но реалниот принос за период од седум години се намали. Во структурата на средствата на пензиските фондови и натаму преовладуваат вложувањата во должнички финансиски инструменти, а изложеноста на ризици го нагласува значењето на кредитниот ризик и ризикот од промена на цените на странските сопственички инструменти.

Осигурителниот сектор во 2021 година закрепна од шокот на пандемијата и оствари раст на активностите, притоа задржувајќи ја високата солвентност. Друштвата за осигурување и во текот на 2021 година го задржаа релативно конзервативниот пристап на инвестирање, со водечко учество на домашните инвестиции во ликвидни и помалку ризични инструменти, што е добра основа за зачувување на нивната солвентност, особено во тековниот контекст на висока глобална неизвесност. Осигурителниот сектор е изложен на можни индиректни влијанија од руско-украинската криза поврзани со растот на цените и влошените економски остварувања што може да се пренесат преку зголемени трошоци за штети и евентуално влошена достапност на осигурувањето.

Останатите финансиски институции (штедилниците, друштвата за лизинг, инвестициските фондови и финансиските друштва) и натаму се со мал обем на активности и засега имаат многу ограничено значење како извор на системски ризик за финансиската стабилност.

Предизвиците за домашниот финансиски сектор во следниот период главно произлегуваат од зголемената геополитичка нестабилност и ризиците за инфлацијата и за економската активност поврзани со тоа. Важно е што банките имаат способност за апсорбирање на ризиците и се отпорни на шокови. Народната банка и во следниот период ќе биде подготвена за преземање соодветни мерки доколку оцени дека е потребно за да се одржи стабилноста на банкарскиот сектор, како и севкупната финансиска стабилност, се истакнува во Извештајот.

Покрај Извештајот за финансиската стабилност, Советот на Народната банка на својата редовна седница го усвои и Етичкиот кодекс, со кој се утврдуваат принципите врз кои се темелат независното работење, доброто управување, професионалните стандарди, достоинственото работење, транспарентната комуникација со јавноста, односно професионалната и деловната етика за успешно и ефикасно извршување на работата на Народната банка. Целта на овој кодекс е одржување висок степен на професионално и етичко однесување при спроведувањето на целите и задачите на Народната банка од страна на членовите на Советот и вработените на Народната банка.

На седницата на Советот се разгледуваа и други материјали во рамките на редовните активности.

Слични содржини