Пет лица, меѓу кои и шеф на политичка партија и американски адвокат, денеска во Белорусија се осудени на неколку години затвор за „обид за државен удар“.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави во април 2021 година дека го спречил обидот планиран од САД и кој го опиша како „обид за атентат“ врз него и неговото семејство.
Според главната белоруска организација за одбрана на човековите права, Вјасни, меѓу осудените се политикологот и литературен критичар Александар Федута, шефот на партијата Народен фронт Ригор Кастушев и адвокатот Јуриј Зјанковиќ, кој исто така има американско државјанство.
Зјанковиќ беше осуден на 11 години затвор за организирање и водење на екстремистичка група, а Федута и Кастушев добија по 10 години затвор откако беа прогласени за виновни за заговор за „преземање на власта со вонуставни мерки“. Уште двајца се осудени на две и пол години затвор.
Еден од сведоците на судењето беше Роман Протасевич, опозициски новинар уапсен во мај 2021 година, кога Белорусија пренасочи комерцијален авион што прелета над нејзина територија. Тој рече дека преку видео врска учествувал на средби со обвинетите за наводниот заговор.
Александар Федута рече дека „планот за државен удар“ бил инициран од офицер на белоруската тајна служба КГБ, кој се инфилтрирал во групата.
„Верував во заговорот затоа што сакав да верувам во него. Чесен човек не можеше да се спречи да биде згрозен од она што се случува во земјата“, рече тој пред судот, признавајќи дека „учествувал“.
Случајот избувна неколку месеци по големите демонстрации за реизборот на Александар Лукашенко за претседател на изборите во август 2020 година, кои се сметаат за наместени. Властите жестоко ги задушија протестите и ја принудија опозицијата на егзил во странство.
Фото: Viktor Tolochko / Sputnik / Profimedia