Талат Џафери во минатото имал многу улоги, а денес противправно си ја додаде и улогата на Уставен судија. Толкување на Устав е работа единствено на Уставниот суд, обвинува Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, откако претседателот на Собранието ја одби иницијативата за задолжителен референдум за укинување на Договорот со Бугарија.
Според неа, Џафери нема основ да ја отфрли и со тоа се прави правна гимнастика за бегство од народот.
-Талат, наместо чувар на Уставот, стана шампион во кршење на Уставот. Неме друг случај во светот, каде претседател на Собрание толкува Устав, затоа што тоа е единствено во надлежност на Уставниот суд, истакна Стојаноска.
Пратеничката смета дека власта се плаши од волјата на граѓаните.
-Не гледав причина зошто е одбиено рефередендумското прашање. Се работи за страв, рече Стојаноска и додаде дека ова само дополнително ќе ги заостри односите во Собранието и ќе ги зголеми поделбите.
Спикерот Џефери во одговор до лидерот на најголемата македонска опозициска партија Христијан Мицкоски напиша дека иницијативата за раскинување на Договорот за пријателство со Бугарија не е во согласност со Уставот и затоа не може да се распише референдум.
„Имено, членот 118 од Уставот на Република Северна Македонија вели дека ратификуваните меѓународни договори се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Во членот 8 се вели дека основната вредност на уставниот поредок е почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право. Затоа поднесената граѓанска иницијатива не е прашање за кое може да се распише референдум на државно ниво“, се вели во образложението на Џафери до Мицкоски.