Кога сте најгоре тогаш ветерот најсилно дува и ве напаѓаат, вели Мицкоски за реториката на Арсовска

од Nikola Popovski

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не сака премногу да ја коментира денешната остра реторика упатена кон него од градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска.

-Едноставно во политиката нема бајки и нема принцови и принцези. Има интереси. Кога нема да им се остварат интересите, тогаш ве напаѓаат. Кога сте најгоре, тогаш ветерот најсилно дува. Така што, јас се чувствувам дека се наоѓам таму и дека луѓе ќе ме напаѓаат, омаловажуваат, критикуваат. Некој ќе премолчи, некој ќе ме нападне, рече меѓу другото Мицкоски во емисијата „Клик плус“.

Тој додаде дека нема да ги кочат проектите за модерно Скопје.

-Во тоа време вака не зборуваше за мене. Си има причини зошто таа (Арсовска) го сменила ставот за мене, порача Мицкоски и информира дека до месец мај имале комуникација.

-До тој период бев одблиску вклучен во проектите на градот. За жал, дојде до оваа ситуација и од страна да ги гледаме политиките. Јас не сум воспитан како човек да се оградувам од некого. Ние сме избрале кандидат со кој сме победиле и тоа е правилна одлука. Ние навистина избравме личност со која победивме во Скопје. Понатаму тоа што очекувањата не биле исполнети е друга работа. Не треба да се каеме, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Арсовска денеска на седницата на Советот на град Скопје остро го нападна Мицкоски и му порача да не ѝ се заканува.

-Немој да се закануваш Мицкоски, немој да се криеш, дојди тука кажи ми што имаш!, рече градоначалничката.

Слични содржини