Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјавил дека билетот за летот меѓу Белград и Москва денеска на црниот пазар наводно достигнал речиси 9.000 евра.
„Денеска картата за Белград-Москва на црниот пазар поради мобилизација и многу други работи скокна на речиси 9.000 евра“, изјави Вучиќ од Њујорк за ТВ Танјуг.
Зборувајќи за одлуката на рускиот претседател Владимир Путин за мобилизација, Вучиќ рече дека е јасно дека „Путин нема да се предаде и покрај напредокот на украинската армија во последните 209 дена и на истокот и на југот на Украина“.
„Јасно е дека ќе се бори“, рече Вучиќ и додаде:
„Јасно е дека украинските војници беа далеку побројни, беше од 5 до 7 на 1. Руските војници немаа речиси никакви шанси и претпоставувам дека затоа ја донесе одлуката да го мобилизира резервниот состав“.
Вучиќ изјави дека Западот „очекуваше целосен пораз на Русија“, но дека тоа сега ќе биде отежнато со одлуката на Русија да се мобилизира.
Претседателот на Србија рече дека „лесно е да се седи дома и да се навива“, и дека „јасно е за кого навиваат кај нас“.
„Што се однесува до Србија, секој ден ќе биде потежок и потежок“, изјави Вучиќ.