Северна Кореја денеска објави дека никогаш не ѝ доставила на Русија оружје и муниција и нема такви планови, предупредувајќи ги САД „да ја затворат устата“ и да престанат да шират гласини кои имаат за цел „да го нарушат имиџот“ на таа земја.
„Неодамна, САД и другите непријателски земји зборуваа за кршење на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и ширење гласини за договори за оружје меѓу Демократска Народна Република Кореја и Русија. Никогаш не сме извезувале оружје и муниција во Русија и немаме планови да извезуваме“, наведе неименуван функционер од министерството за одбрана во соопштението што го пренесе државната агенција КЦНА.
Заменик портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател изјави претходно овој месец дека Русија „е во процес на купување милиони ракети и артилериски гранати од Северна Кореја за употреба во Украина“.