Експертите збунети: Што подготвува Северна Кореја?

од Stefanija Kuzmanovska
167 прегледи

Северна Кореја се подготвува да пушти во употреба нова подморница за која се верува дека е способна да истрела балистички ракети, пишува денеска „Ројтерс“, според извештајот и снимката на американскиот истражувачки центар.

Сателитските снимки на бродоградилиштето Синпо Саут, на истокот на земјата, од 18 септември покажуваат шест бродови и пловни објекти концентрирани околу кејот на градежната хала, кои досега не се забележани, што доведува до заклучок дека оваа активност укажува на подготовки за лансирање на подморници, соопшти „39 North“, американски истражувачки центар кој ја надгледува Северна Кореја.

Аналитичарите првпат забележаа знаци на изградба на најмалку една нова подморница во 2016 година, а во 2019 година државните медиуми покажаа како севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун ја проверува подморницата, која беше изградена под „неговото посебно внимание“ и требаше да биде „оперативна во водите во близина на источниот брег“, наведува британската агенција.

Тогаш државните медиуми не известуваа за вооружените системи на подморницата, ниту пак кажаа каде и кога била извршена инспекцијата, но аналитичарите според големината на новото пловило процениле дека е конструирано да носи ракети.

Северна Кореја има голема подморничка флота, но само една позната експериментална подморница способна да носи балистичка ракета, пренесе „Ројтерс“.

Аналитичарите сè уште дебатираат дали новата ракетна подморница е целосно иновативен проект или се заснова на модифицирана класа на подморниците „Ромео“ кои првично беа купени од Кина во 1970-тите пред Северна Кореја да почне да ги произведува во земјата, наведува британската агенција.

Набљудувачите велат дека Северна Кореја се подготвува да ги продолжи нуклеарните тестови за прв пат од 2017 година, кога тие беа прекинати поради разговорите за денуклеаризација.

Слични содржини