Три лица загинаа, а едно е рането во експлозии во јужната турска провинција Мерсин, соопшти денеска министерот за внатрешни работи на таа земја, Сулејман Сојлу.
Сојлу вели дека Работничката партија на Курдистан (ППК) е одговорна за експлозиите, кои одекнаа низ улиците на Мерсин доцна синоќа пред полноќ по локално време, и дека меѓу жртвите на експлозиите се и двете жени кои го извршиле нападот, пренесува „Ројтерс“.
Во нападот загинал и еден полицаец, додека друг е ранет, рече министерот.
„Напаѓачите најпрво пукаа во дежурниот полицаец, а подоцна ги активираа бомбите кои им беа прикачени на телата“, рече Сојлу.
Повеќе од 40.000 луѓе загинаа во конфликтите меѓу ПКК и Турција кои траат од 1984 година.
Турција, САД и ЕУ ја сметаат ПКК за терористичка група, потсетува „Ројтерс“.