Европската централна банка: Да се оданочат високите и суперпрофитите

од Stefanija Kuzmanovska
188 прегледи

Главниот економист на Европската централна банка (ЕЦБ), Филип Лејн, предлага да се оданочуваат високите приходи и суперпрофитите на компаниите за да се финансира помошта за најсиромашните во услови на инфлација и да се избегне зголемување на јавниот долг.

Од макроекономски причини, но и од правичност – бидејќи енергетскиот шок ги погодува луѓето преку рекордна инфлација, „владите треба да ги поддржат домаќинствата и компаниите кои најмногу страдаат“, рече членот на Управниот одбор на ЕЦБ, Лејн во интервју за австрискиот дневен весник „Дер стандард“ објавен во вторник.

На прашањето дали дел од поддршката треба да се финансира со зголемување на даноците за богатите, Лејн предлага повисоки даноци за високите приходи или за индустриите и компаниите кои се многу профитабилни и покрај енергетскиот шок.

ЕЦБ е за целна државна помош за заштита на домаќинствата од ефектите на инфлацијата, како што повтори во понеделникот претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, пред Европскиот парламент.

Идејата за оданочување на најбогатите зема замав во еврозоната. Шпанската влада сака да воведе привремен и исклучителен данок за најбогатите еден процент од населението, со цел да се финансираат мерки за ублажување на влијанието на зголемената инфлација.

Франција не отиде толку далеку и се потпира на концептот на тарифен штит за да го спречи зголемувањето на цените. Поделена околу прашањето за данокот на суперпрофитите, француската влада се надева дека ќе најде решение на европско ниво.

Велика Британија, која ја напушти Европската унија, минатиот петок објави план за трошење и огромни даночни намалувања.

Слични содржини