Дури и егзотичните брендови како Lamborghini не можат да останат имуни на електрификацијата. Намалувањето е сеприсутно, па неодамна Mercedes ја претстави AMG верзијата на C-класата со половина помалку цилиндри.
Електричната помош е речиси неопходна. Во таква средина, Lamborghini Aventador делува како повторување на минатото.
Претставен е пред 11 години, а оттогаш е произведен во респектабилни 11.465 примероци.
Не знае за електрификација, а ја мрази турбината. Се напојува со атмосферски V12 „скапоцен камен“. Подобро кажано, напојуваше, бидејќи деновиве беше произведен последниот примерок.
Станува збор за LP 780-4 Ultimae Roadster, кој наскоро ќе биде испорачан на купувач во Швајцарија.
Да потсетиме, производството на Aventador веќе беше прекинато, но потоа по хаваријата на бродот на кој имаше 15 примероци од тој модел, повторно започна, за да се надомести загубата.
Сега дефинитивно е готово и Lamborghini повеќе нема да нуди ништо слично.
Aventador придвижуван од 6,5 V12 атмосферски мотор го имаше своето деби во 2011 година на Саемот за автомобили во Женева.
Брзо стана најуспешниот V12 модел на марката во историјата и до денес ги надмина сите други модели V12 во историјата на марката, вклучувајќи ги и Miura, Diablo и Countach.
Lamborghini нема да се откаже од V12 моторот во иднина, но веќе нема да го нуди без електрична помош.
Идниот врвен модел на марката ќе биде plug-in хибрид, каде потрошувачката сепак ќе биде во втор план, зад перформансите.