Владите на Полска и Бугарија ги повикаа своите граѓани кои се уште се во Русија веднаш да ја напуштат таа земја.
Како што пренесува „Гардијан“, тоа би можело да биде потег направен во очекување на уште поголеми гужви на граничните премини, со оглед на тоа што се повеќе луѓе бегаат од Русија по мобилизацијата за војната во Украина.
Министерството за надворешни работи на Бугарија синоќа ги повика граѓаните на таа земја „да се воздржат од патување во Руската Федерација“ и ги советува бугарските државјани кои се во Русија „да ја разгледаат можноста што поскоро да ја напуштат земјата, користејќи моментално достапни превозни средства“.
„Евакуацијата би можела да биде невозможна“
Слично соопштение испрати и полското министерство за надворешни работи, јавуваат полските медиуми.
„Во случај на драстично влошување на безбедносната ситуација, затворање на границите или други непредвидени околности, евакуацијата би можела да биде значително потешка, па дури и невозможна. Им препорачуваме на полските граѓани кои се на територијата на Русија да ја напуштат нејзината територија користејќи достапни комерцијални или приватни транспортни средства“, се вели во соопштението.