Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров има намера да се пријави за Гинисовата книга на рекорди. Тој се смета себеси за рекордер по бројот на санкции кои му се воведени, пишува рускиот независен портал Холод.
За тоа тој ја извести јавноста на својот канал на Телеграм.
Според Кадиров, тој е рекордер по бројот на санкции што му ги воведе Западот.
„Броев. Од 2011 година, има најмалку 70 ограничувања против мене, вклучувајќи ги членовите на моето семејство, моите блиски соработници (само поради нивната врска со мене), мојот имот, моите коњи и приходите (да, звучи смешно, но тоа беа првите санкции)“.
Според неговите зборови, „Лукашенко и Башар ал Асад, кои Западот не ги сака, не можат да се „пофалат“ со толку многу наметнати ограничувања“.
„Дури и го престигнав севернокорејскиот лидер, а за него се снимаат холивудски филмови“, вели Кадиров.
Странците, додаде тој, повеќе од 11 години се обидуваат да му земат сѐ, но не успеале.
„Но, таков огромен напор на Западот не треба да се троши залудно. Прво, ќе се пријавам во Руската книга на рекорди. Таа ми е поблиска и подрага. И тогаш, за странските политичари да почувствуваат дека залудно не измислиле ограничувања, ќе се пријавам за Гинисовата книга на рекорди“, заклучи тој и додаде дека е подготвен да ја игра главната улога во холивудски филм за себе доколку тие одлучат да се направи таков филм“.