Со декрет, белорускиот лидер Александар Лукашенко забрани зголемување на цените во неговата земја.
– Од 6 октомври се забранува секое поскапување. Забрането!- рече тој на владината седница во четвртокот, пренесува државната новинска агенција Белта.
– Не од утре, туку од денеска – додаде тој.
Целта на наредбата е да се осигура дека никој не може да го искористи рокот за да ги зголеми цените, рече 68-годишниот автократ.
-Оние кои ќе го прекршат указот веднаш ќе бидат уапсени и кривично гонети, рече тој.
Лукашенко не ја отфрли целосно можноста во иднина да биде неопходно зголемување на цените во некои области, доколку тие бидат официјално одобрени.
Според податоците на Државниот завод за статистика, инфлацијата во Белорусија во август изнесувала 17,9 отсто во однос на истиот месец лани.
Цените на храната одеднаш скокнаа. Според предвидувањата на белоруските економски експерти, стапката на инфлација би можела да се искачи на 19 отсто до крајот на годината.