Францускиот бренд Alpine пред само неколку дена го претстави поспортскиот и пофокусиран модел A110 R, а сега ја надополни понудата со своето специјално издание направено во чест на двократниот шампион во Формула 1 Фернандо Алонсо.
Овој 41-годишен шпански возач досега победи на 32 трки, па Alpine A110 R Fernando Alonso ќе се нуди во ограничена серија од само 32 примероци.
Што се однесува до цената, Alpine A110 R Fernando Alonso чини 148,00 евра во Франција, што е за 43.000 евра повеќе од стандардната верзија.
Автомобилот ќе се произведува исклучиво во мат сина боја во чест на болидот Alpine F1 и го носи потписот на Алонсо на задното стакло. Француското знаме беше заменето со сино-жолто-портокаловата шема на Алонсо, при што ова беше користено и на клештите на сопирачките и во внатрешноста на кабината. Во внатрешноста има потпис на возачот на потпирачите за глава.

Има и хауба од карбонски влакна обоена во мат сина боја, индивидуално нумерирана плоча за да ја одбележи ексклузивноста на специјалното издание, додека штитникот за сонце го носи мотото на Алонсо: „Има повеќе од еден пат до врвот на планината“. Конечно, во пакетот со купувањето на возилото доаѓа и потпишана реплика на кацига.
A110 R е придвижуван од 1,8-литарски четирицилиндричен турбо мотор кој произведува 300 КС и 340 Nm (во комбинација со 7-степен автоматик со двојна спојка). Тоа е доволно за забрзување од 0 до 100 km/h за 3,9 секунди и максимална брзина од 285 km/h.
A110 R доби нов преден браник со поагресивен долен сплитер, додека задниот спојлер е одговорен за производство на дополнителна надолна сила. Има и нови странични прегради, нов заден браник со дифузер, хауба со отвори за воздух, Brembo сопирачки (320 mm дискови), спортски издувен систем со две централно поставени издувни цевки, три режими на возење (нормален, спортски и трак), како и модифицирана суспензија (автомобилот е понизок за 10 mm и благодарение на прилагодливите амортизери може да се спушти за дополнителни 10 mm).

За да заштедите тежина (автомобилот тежи само 1082 кг), покривот и хаубата се направени од јаглеродни влакна, а тоа важи и за комплет нови тркала од 18 инчи со гуми Michelin PS Cup 2 (215/40 R18 напред и 245/ 40 R18 одзади).
Внатре, има појаси со шест точки и тркачки седишта Sabelt, елементи од микрофибер, контрастни портокалови акценти и телеметриски систем „Alpine Telemetrics“.