ВО ГЕРМАНИЈА има се помасовни протести против германската влада, чија политика кон Русија се смета за главен виновник за растот на инфлацијата и поскапувањето на енергенсите, а илјадници луѓе, главно на истокот на земјата, излегоа вечерта за нови протести. Во сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија, околу 7.000 демонстранти излегоа на улиците, носејќи транспаренти со барања за прекин на испораката на оружје за Украина и укинување на санкциите против Русија.
На протестите одржани во други делови на Источна Германија (поранешна Демократска Република Германија), можеа да се слушнат критики за политиката на владата кон Русија и пријателските односи кон Украина и бегалците од Украина. „Не можеме да го спасиме целиот свет“, пишуваше на транспарентите во Магдебург, во сојузната покраина Саксонија-Анхалт.
На многу протести учесниците, покрај германските, истакнаа и руски знамиња.
Ден претходно во Берлин се одржаа големи протести со исти пораки, организирани од десничарската популистичка Алтернатива за Германија (AfD). На централната средба пред Рајхстагот, претседателот на АфД, Тимо Чрупала, ја обвини германската влада, а особено министерот за економија од Партијата на зелените, Роберт Хабек, дека водат „економска војна против Русија“.
Се проценува дека десничарската партија АфД во моментов профитира од незадоволството на дел од граѓаните кои излегуваат на улица и покрај рекордните пари што ги издвојува владата за намалување на финансискиот притисок врз граѓаните.
На изборите за локалниот парламент во сојузната покраина Долна Саксонија во неделата, АфД го удвои бројот на претставници. Според истражувањето на Институтот Infratst Dimap за јавниот сервис АРД, мнозинството гласачи во неделата ја избрале АфД не поради преференциите за политиката на партијата, туку поради протест против актуелната влада во Берлин.
Истото истражување покажува дека 33 отсто од гласачите во Долна Саксонија изразуваат загриженост поради големиот прилив на бегалци во Германија, чиј број оттогаш ја надмина границата од еден милион.