НАТО останува одлучно во својата цел – одвраќање и одбрана на секоја педа сојузничка територија, факт кој може да се види и преку борбената група на т.н. Зајакнато истурено присуство во Латвија, како дел од напорите за посилно воено присуство во источниот дел на Алијансата.
Тоа беше заклучокот од денешната средба на министрите за одбрана на земјите – членки кои придонесуваат во мултинационалните сили во Латвија, на која присуствуваше и министерката за одбрана Славјанка Петровска.
„Нашето учество во мисијата во Латвија ја покажува нашата посветеност кон безбедноста и стабилноста на целата евроатлантска област. Северна Македонија во моментов учествува со девет припадници од единицата за АБХО во Латвија и овој придонес ќе продолжи и во иднина со соодветни способности и капацитети“, рече Петровска на состанокот.
Петровска информираше дека Северна Македонија се подготвува да даде свој придонес во мултинационалните сили во Бугарија и Романија, како доказ за нашата посветеност кон принципот на одбрана и одвраќање, на источното крило на Алијансата.
Припадници од Армијата на Република Северна Македонија се дел од Зајакнатото истурено присуство во Латвија од јуни 2022 година во рамки на словенечкиот контингент каде рамковна нација е Канада.