Јаневски одликуван со највисокиот француски орден

од Vladimir Zorba
199 прегледи

Основачот и член на инвестициската група „М6“, Светозар Јаневски, е одликуван со орденот „Витез на легијата на честа“ што го доделува претседателот на француската република.

Во името на претседателот на Република Франција, Емануел Макрон, највисокиот француски орден на господинот Јаневски му беше предаден од страна на амбасадорот на француската република во Скопје, Сирил Бомгартнер.

Францускиот орден „Витез на легијата на честа“, кој е востановен уште во 1802 година од Наполеон Бонапарта, е едно од најценетите светски одликувања кои се доделуваат на поединци за своите исклучителни постигнувања и заслуги во различни области.

Господинот Јаневски е еден од малкумината граѓани од земјава кои досега се одликувани со овој орден, а секако е првиот од бизнис заедницата.

„Горд сум што можам да кажам дека припаѓам на оние што градат мостови на соработка помеѓу земјите, барајќи го она што нѐ поврзува, она што отвора перспективи за поубав и посреќен живот, она што создава дополнителна вредност, одржлив развој и благосостојба“, рече Јаневски, заблагодарувајќи се на Франција, нагласувајќи дека најголемиот дел од заслугата за добивањето на овој орден им припаѓа на неговите соработници, партнери и пријатели, на вработените во неговите компании и секако највеќе на членовите на неговото семејство.

„Посакувам ова признание, овој орден, да биде патоказ и дополнителен мотив за уште многу луѓе од мојата земја, особено на младите, да ги охрабри да размислуваат и да работат на реализација на идеи и проекти кои ќе креираат уште посилни врски помеѓу нашите две земји – Македонија и Франција – ќе го зајакнуваат нашето меѓусебно почитување, пријателство и соработка и ќе донесат уште поголем просперитет и благосостојба на граѓаните на нашите две земји“, додаде Јаневски.

Слични содржини