НАТО НАЈАВИ НУКЛЕАРНИ ВОЕНИ ВЕЖБИ: Во маневрите учествуваат 14 земји

од Берта Китинска
123 прегледи

Од 17 до 30 октомври НАТО ќе одржи планирани воени вежби за нуклеарно одвраќање наречени „Steadfast Noon“. Во нив ќе учествуваат 14 земји и до 60 воени авиони, соопшти Алијансата.

– Од понеделник (17.10.2022) воздухопловните сили на земјите од НАТО ќе одржат воени вежби за нуклеарно одвраќање во кои ќе учествуваат десетици авиони над северозападна Европа. Воените вежби кои ќе траат до 30 октомври се рутински вежби кои се повторуваат и не се поврзани со никакви актуелни светски настани. Нема да се користи борбено оружје – се прецизира во соопштението на НАТО.

Во вежбите ќе учествуваат до 60 авиони од различни типови, вклучувајќи ловци од четврта и петта генерација, како и авиони за извидување и авиони за полнење гориво. Како и претходните години, на вежбите ќе учествуваат американски бомбардери со долг дострел Б-52. Тренинг летови ќе се вршат над Белгија, која е домаќин на вежбите, како и над Северното Море и Велика Британија.

– Овие вежби помагаат да се осигура безбедноста, доверливоста и ефективноста на нуклеарното одвраќање на НАТО – објави портпаролката на НАТО Оана Лунгеску.