Во Специјалниот суд во Белград, Србија денеска, на првиот ден од судењето на групата на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ за најтешките кривични дела, обвинетите почнаа да ја изнесуваат својата одбрана.
Беливук истакнал дека обвинението е „измислено“ и дека, како што рече, им се „наместени“ бројни убиства, пренесуваат белградските медиуми.
Тој рече и дека „Скај евиденс“, односно телефонска комуникација преку истоимената апликација ја „монтирал“ обвинителот.
Претходно беа прочитани две обвиненија во кои Беливук и Миљковиќ биле обвинети дека планирале да создадат криминална група под маската на навивачката група „Принципи“ со цел да се стекнат со пари и да го преземат приматот во подземјето.
Според обвинението, водачите одлучувале кој и кога ќе биде киднапиран и убиен, а користеле „телефони Скај“ на кои секој обвинет имал шифрирано име.
Во обвинението прочитано на судењето, тие, како и членовите на групата се обвинети за намамување, киднапирање и убивање луѓе во куќата во Ритопек, каде што имале машина за мелење месо.
Судот го одби предлогот на одбраната да се добијат видео снимки од распитот на сведоците соработници, како и предлогот на адвокатот на Беливук да се извлечат од предметот записите од сослушувањето на оштетените и другите сведоци.
Беливук, Миљковиќ и другите беа уапсени на 4 февруари 2021 година, а српското Обвинителство за организиран криминал ги товари за седум убиства.
Тројцата обвинети, врз основа на договорот со обвинителството, добија статус на обвинет сведок, односно во замена за полесни затворски казни, беа должни на судот да му кажат се за криминалната група.
Претходно беше најавено дека Бојан Хрватин ќе сведочи во замена за казна затвор од 14 години, Никола Спасојевиќ за 15, а Срѓан Лалиќ во замена за 18 години затвор.