Русија во принцип го поддржува формирањето на оперативна и физичка нуклеарна безбедносна зона околу нуклеарната централа Запорожје, но ја отфрла демилитаризацијата на таа централа, изјави Константин Воронцов, заменик-директор на одделот за контрола на оружјето во министерството за надворешни работи.
„По посетата на централата, генералниот директор на IAEA Рафаел Гроси предложи формирање заштитна зона за оперативна и физичка безбедност околу нуклеарната централа Запорожје. Во принцип, ние ја поддржуваме, но неопходно е да се договориме за параметрите на таа зона“, рече Воронцов во понеделникот на состанокот на Генералното собрание на Обединетите нации, пренесе ТАСС.
Тој додаде дека Русија целосно ја исклучува таканаречената демилитаризација на нуклеарната централа Запорожје и периметарот околу неа, бидејќи, според него, тоа ќе доведе до намалување на степенот на нејзината заштита и зголемување на ризикот од терористички акти, како и создавање услови за контраофанзива на вооружените сили на Украина.