Законските реформи во екологијата, заедно со конкретните проекти, обично заглавуваат затоа што, почнувајќи од Министерството за животна средина и во секој друг ресор, властите ги штитат бизнис интересите на нивните партнери, партиски членови, функционери и слично, изјави за „Локално“, Арианит Џафери од невладината организација „Екогерила“, зборувајќи за застојот на конкретните еколошки проекти во државата.
– Бидејќи повеќето од овие бизниси имаат можност да ги модернизираат своите капацитети и да го минимизираат загадувањето – а такво нешто не направија, јасно е дека властите нема да преземат казнени мерки против нив, дури и преку спроведување на законодавството или спроведувањето на нови закони и прописи од областа на животната средина. Извештајот за напредокот на Европската комисија за Северна Македонија, во поглавјето 27, најмалку во последните 5 години, ги идентификува истите проблеми и ги дава истите препораки, што значи дека нашата земја не ги имплементирала препораките од 2018 година (туку и порано), изјави Џафери за „Локално“, и затоа, додава тој, истите постојано се повторуваат.
Според него, несериозниот пристап на нашата земја кон животната средина нужно ќе претставува сериозна пречка на патот на Северна Македонија кон ЕУ.
– Ние не само што нема да ги имаме истите вредности како нашите европски сограѓани, туку нема да можеме да да ги пласираме нашите производи (без разлика дали се земјоделски или други) на заедничкиот европски пазар, поради непочитување на законите, подзаконските акти, конвенциите итн, смета Џафери./Д.Ј.
Извештајите за напредокот на ЕК за Северна Македонија, во поглавјето 27, во последните 5 години: