„Јас не знам дали должи Владата, но знам дека додека траат препукувањата кој должи, додека трае префрлање на топката кој е виновникот, дали е Владата или Градот Скопје, додека во секој час слушаме ново обвинение од Град Скопје и посочување со прст и барање на некој нов виновник, за жал имаме една реалност која воопшто не е посакувана. Реалноста е следна, тоа е дека за првпат во историја граѓаните на Скопје останаа без јавен градски превоз, тоа е прво. А, второ е дека 1.000 семејства досега не можеа дома да однесат парче леб, поради тоа што имаа неисплатени плати“, истакна Марија Андоновска, советник во Советот на Град Скопје од редовите на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ при гостување во емисијата „24 анализа“.
„Тоа е нешто што ние како советничка група и како партија ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата не можеме да го дозволиме и не го дозволивме. Во првиот момент кога беше најавено дека граѓаните на Скопје ќе останат без јавен градски превоз реагиравме брзо онака како што се очекува од нас како нели народни избраници и доставивме иницијатива за прераспределба на средства кои што Градот треба да ги исплати нели нормално за да се овозможи да продолжи јавниот градски превоз“, појасни Андоновска.
Таа посочи дека денешната одлука е донесена врз основа на таа иницијатива. Но, тоа нормално не е трајното решение. Мора да се најде трајно решение, а секако се знае кој може да го најде тоа трајно решение, кај кого е палката, тоа е менаџментот на ЈСП, тоа е градоначалничката на Градот Скопје и секако не може да се се изземе од одговорност и Владата. Од причина што има примери како Владата има помогнато на општини во одреден период, отпишувала долгови, помагала на одредени јавни претпријатија, така да доколку Владата има желба да помогне може да реагира. Владата не треба да помогне да градоначалничката, туку да помогне на граѓаните.
„Ние побаравме од нејзе да си даде оставка бидејќи вие ги измамивте гласачите, им нудевте нешто сосема друго, програма им нудевте, а сега сте со луѓе кои што не ја поддржаа вашата програма. Како ние да очекуваме функционалност на Град Скопје, или функционалност на јавните претпријатија, кога вие имате менаџерски тим поставен од луѓе кои што не ја поддржаа нејзината програма“, рече Андоновска.