Познаничка на рускиот претседател Владимир Путин, наводно, побегнала од земјата само неколку часа откако полицијата упаднала во нејзината вила поради наводно критикување на руската инвазија на Украина.
Ксенија Собчак (40), некогаш позната руска ТВ водителка која позирала и за Плејбој, наводно се качила на лет за Литванија преку Белорусија непосредно пред да пристигнат агентите на аеродромот во Москва за да ја уапсат.
Путин има долгогодишна врска со семејството на Ксенија, а долго време се шпекулираше дека тој е нејзин кум, пишува „Дејли мејл“.
Нејзиниот татко, Анатолиј Собчак, беше професор по право и ментор на Путин, кој му ја додели првата политичка функција – местото заменик градоначалник на Санкт Петербург.
Ксенија го познава Путин уште од мала, а тој присуствувал на нејзината крштевка. Сепак, тој сега е подготвен да ја означи како „странски агент“ поради несогласувањето околу инвазијата на Украина.
Сè уште не е јасно кои нејзини изјави точно го налутија Кремљ и доведоа до претрес на нејзиниот имот. Против Собчак е покрената специјална кривична истрага, во која таа може да биде осудена на три години затвор за „ширење невистини за владините агенции“ преку медиумски канали.
Шефот на Јавниот комитет за откривање странски интервенции Александар Јонов изјави дека се води истрага дали Собчак била финансирана од странство, а под истрага е и нејзиниот медиум „Осторожно новости“.
„Доколку се најдат докази дека некој однадвор ја финансирал, Собчак ќе биде прогласена за странски агент“, рече Јонов.
Сепак, Ксенија го тврди спротивното – таа смета дека целта на истрагата е да се изврши притисок врз неа и врз нејзината медиумска компанија.
И покрај врските на Путин со семејството Собчак, Ксенија силно се спротивстави на неговата авторитарна политика во последните години.
Таа гласаше против законите поврзани со војната во рускиот парламент и ја обвини неговата државна телевизија за „бесрамни лаги“ за конфликтот во Украина.
Ксенија, една од најпознатите руски лица, се најде на четвртото место на претседателските избори во Русија во 2018 година, за кои многумина веруваа дека биле наместени во корист на Путин. И покрај нејзините критики кон Путин, таа одржа средба со него еден на еден пред да објави дека ќе му се спротивстави.