Рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, ги повика САД да го вратат на своја територија нуклеарното оружје што го имаат инсталирано во други земји, пренесе ТАСС.
„Во овие тензични времиња со зголемен ризик, државите со нуклеарно оружје имаат посебна одговорност да спречат ескалација. Во овој контекст, уште еднаш апелирам до Вашингтон да го врати на своја територија целото нуклеарно оружје што го има распоредено во странство, да ги затвори нуклеарните бази во други држави и да се откаже од вежбите на кои вежба со ненуклеарни земји како дел од мисиите на НАТО. Со тоа се нарушуваат основните принципи на Договорот за неширење нуклеарно оружје“, изјави Антонов.
Тој коментираше напис од „Политико“ во кој се вели дека САД ќе ги забрзаат плановите за складирање на гравитациска Б61-12 (нуклеарна) бомба во Европа.
„Службениците на администрацијата традиционално го нарекуваат ова оружје тактичко и тврдат дека рускиот арсенал на слично оружје е неколку пати поголем од американскиот. Сепак, тие не успеваат да кажат дека целиот наш тактички нуклеарен арсенал е складиран во објекти во Русија и не претставува никаква закана за Америка. Што се однесува до американските бомби, тие беа испратени во европските земји, од каде што Русија не е далеку. Затоа Б61-12 имаат стратешко значење и покрај ограничениот капацитет“, додаде Антонов.
Тој посочи дека Армијата на САД заедно со партнерите од НАТО редовно одржува вежби со користење на вакво оружје.
„Во НАТО моментално се одржува една таква вежба, позната како „Stedfast nun“. Раководството на Северноатлантската алијанса тврди дека активноста на таа вежба не е насочена против Русија. Тогаш се поставува прашањето – за кого, односно кој во Алијансата практикува употреба на нуклеарно оружје, доколку Русија е означена како „најзначајна и директна закана“ за нивната безбедност“, додаде Антонов.