Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски заедно со претседателот на Владата на Република Бугарија Галaб Донев, во придружба на министри од двете влади, претставници од Делегацијата на ЕУ и ЕБОР, денеска присуствуваа и говореа по повод на отпочнување со градба на источен дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка.
-Денеска затоа велам дека рехабилитацијата и зафатите на Коридорот 8, железничката пруга која ја поврзува Република Северна Македонија со Република Бугарија стануваат реалност. Со посветена соработка градиме наша заедничка иднина, обезбедуваме можности за стопанството, бизнис заедницата, вложуваме во функционално, модерно, железничко поврзување вложуваме во целиот овој регион. Оваа инвестиција на Северна Македонија и отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и пристаништето Драч во Албанија што е од исклучителна важност за нашата економија но и генерално за соработката на регионот во целина како и соработката на регионот со други региони во Европа, рече Ковачевски пред присутните.
Тој појасни дека пред нас претстои процес на реформи за железничкиот транспорт, а тој процес е долг, но и неопходен за развиен, безбеден, брз и пред сè европски железнички транспорт.
-Оваа прилика сакам да упатам и благодарност од нашите пријатели и партнери од Европската Унија кои ни овозможија преку заеднички проекти да ја отпочнеме изградбата на модерна и ефикасна железничка мрежа во регионот.
-Затоа денеска сме сведоци на конкретна, реална и остварлива цел која е во интерес на граѓаните, за нивен подобар живот и просперитет на бизнис заедницата. Новата железничка инфраструктура отвора пазари за нови инвестиции, за нови соработки меѓу домашните, но и со меѓународните компании, помалку трошоци за транспорт, што е многу важно за стопанството во време на економска криза со која се соочува Европа и светот, рече Ковачевски.
Според премиерот, последниве неколку години се позициониравме како дестинација во која странските инвеститори имаат доверба.
-Ние сме значително над глобалниот просек кога станува збор за привлекување гринфилд инвестиции споредено со БДП на земјите. Речиси 90 проценти од инвестициите потекнуваат од нови проекти, додека останатите 10 проценти се од инвестиции за проширување. Инвестициите во обновливите извори на енергија се водечки сектор, потоа секторот за автомобили, софтвер и ИТ-услуги. Сето ова означува развој и напредок, кажа Ковачевски во обраќањето пред присутните.