Регионот го потресе вознемирувачкото видео од домот за стари лица во Пеќ, Косово, каде три негувателки брутално малтретираат 70-годишна жена.
Една од нив, негувателката Аурона Пељај, која беше уапсена, на полицијата ѝ изнела срамна одбрана, тврдејќи дека всушност се бранела од старицата. На видеото кое се појави на социјалните мрежи се гледа како се смее додека ја удира старицата која немала сила да се одбрани.
Пељај тврди дека старицата прва ја нападнала и дека била агресивна, пренесува порталот „Сињали“. Истиот портал наведува дека Пељај изјавила дека тој ден отишла да им помогне на колегите кои имале работа со постара жена, која, како што тврди, била агресивна. Таа изјавила и дека старицата дента имала нервен слом.
– Кога почнав да работам, таа веќе беше станарка во куќата и докторот потврди дека има психички нарушувања. На денот на инцидентот таа беше многу агресивна и одвреме-навреме доживуваше нервни сломови за што го информиравме докторот. Тој ден добивме задача да им ги смениме пелените откако една постара жена имаше физиолошка потреба и го извалка местото со рацете. Слушнав бучава во бањата и отидов да погледнам. Моите колеги имаа проблеми таму и сакав да помогнам. Ме нападна и ми ја повреди раката, ме нападна со нога. Не употребив насилство или прекумерна сила освен да ја спречам да ме нападне. Таа тој ден нападна и друг станар – тврди Пељај.
Пељај смета дека нејзините постапки се исправни, наведувајќи дека морала да доминира со луѓе со психички проблеми. Додала и дека споменатиот старски дом намерно го објавил видеото бидејќи вчера си заминала од работа, пренесува „Сињали“.