Џозеф: За успешна промена на Уставот и влез во ЕУ, Северна Македонија треба да гледа кон Вашингтон

од Destan Jonuzi
168 прегледи

Според политичкиот експерт Едвард Џозеф нема да има промени во политиката на САД кон Балканот и во законодавната сфера на Конгресот за зголемени финансии, а српскиот претседател Александар Вучиќ манипулира со Брисел и Вашингтон додека е верен на Москва.

Џозеф, предавач во Универзитетот Џонс Хопкинс и голем познавач на Балканот кој таму чесо патува, истакна дека регионот треба да бара посилна соработка со Вашингтон за да добие поголема поддршка од актуелната Администрација, со оглед дека исходот од конгресните избори, барем засега, не наведува дека ќе има драстични промени во курсот на надворешната политика во конгресните комисии, кои ја насочуваат и надворешната политика на САД.

Тој ја исктритикува Србија поради својот амбивалентен однос кон ЕУ и блискоста кон Русија и кажа дека за успешна промена на Уставот и влез во ЕУ, Северна Македонија треба да гледа кон Вашингтон.

-Најпроблематично прашање е однесувањето на Белград, кој одбива да ја прилагоди политиката со ЕУ, иако е во преговори за членство, и продолжува да ја поддржува Русија. Тоа го стори во ОН во септември во Њујорк, кога потпиша спогодба со Русија за зголемена соработка. Мора да му се предочи на српскиот претседател Вучиќ дека не може да ги уценува САД за предизвиците поради Косово. Тоа се одразува врз целиот Балкан, изјави Џозеф во интервју за Гласот на Америка

Околу прашањето како Северна Македонија да се обедини околу евентуална промена на Уставот, услов за продолжување на преговорите за членство во ЕУ, Џозеф смета дека погледот на Скопје треба да биде насочен кон Вашингтон.

-Северна Македонија треба да се обрати до администрацијата на Бајден за поддршка и да побараат од Соединетите Држави да го потврдат македонскиот идентитет што САД можат да го направат во рамките на своето стратешко партнерство со Северна Македонија. Го објаснив ова во мојот напис за надворешната политика на САД, кој беше објавен во јуни, истакна Џозеф.

Во интервјуто тој потсети дека властите во Скопје имаат и внатрешнополитички предизвици, а справувањето со нив треба да ја приближи земјата до ЕУ.

-Друга работа е дека владата мора сериозно да се зафати со борбата против корупцијата. Ова ќе ја зголеми домашната поддршка за владејачката партија, за Владата, и ќе ги одврати опозициските сили кои, за воља навистината, не се за членство во Европската Унија, наведува тој.

Смета дека САД се манипулирани од Вучиќ и ако Вашинтон тоа го увиде може да го запре руското влијание во регионот.

-Многу е едноставно. Тоа бара водење сериозна политика спрема Србија. САД мора да престанат да бидат манипулирани од Александар Вучиќ. Мора да престанат да го фалат и поддржуваат српскиот претседател, кој отворено ја усогласува неговата земја со Русија. Мора да престанеме да се залажуваме, како што изјави виш американски претставник во јули, дека Србија е на вистинската страна на историјата. Ова е лажно. Тоа само го охрабрува Вучиќ. Тој е примарна пречка за напредокот на Балканот, а може во спротивно да ја води својата земја кон нејзината судбина да биде дел од Европската Унија, дури и во крајна линија, да биде дел од НАТО, изјави Џозеф.

Дециден е дека по руската инвазија во Украина, „веќе не може да се преправа кои земји се на страната на ЕУ, САД и НАТО, а кои земји се на страната на Русија“.

Слични содржини