Мојсова-Чепишевска: Скопје е величествен феномен на македонскиот дух – да го направиме центар на светот

од Vladimir Zorba
183 прегледи

Сите ние сакаме да го направиме Скопје средиште, центар не само на Македонија, туку на светот. Или средиштето на светот да го поместиме или сместиме токму во нашето Скопје. Центарот, особено во последно време, е престижна категорија, па во тој конктекст и борбата за центарот станува премногу актуелна, зашто таа прераснува во борба за престиж, за статусен карактер, за статусни предиспозиции. А, Скопје е величествен феномен на македонскиот дух и на сите оние што живеат во него. Затоа не е воопшто иссилено кога велиме дека низ зборот „скопјанец” одекнува ехото „човек”!

Ова меѓу другото го истакна добитничката на наградата „13 Ноември” на Град Скопје за 2022 година, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во обраќањето од името на добитниците на високото признание, на синоќешната свеченост во Националната опера и балет на која беше врачена наградата, по повод 78-годишнината од ослободувањето на главниот град.

Мојсова-Чепишевска и потсети на значењето на историскиот 13 Ноември, напоменувајќи дека ако можевме да се вратиме назад во времето, немаше удобно да се седи во Македонската опера и балет, туку сите ќе бевме излезени на улиците на Скопје и ќе ги пречекувавме нашите победници со китки трендафили.

– Но и ќе им се поклоневме на оние над 400 загинати, како и на последните деветмина стрелани скопјани во близина на Камениот мост од страна на германскиот окупатор. Така нашите ѕвезди од срцето ќе се гушнеа со ѕвездите-петокраки на челата на нашите борци, сликовито посочи професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Ама едновремено посочи и на она што не треба да се заборави и на она што може да се стори денес.

– Да не заборавиме дека тој 13 Ноември му го овозможи овој растеж на Скопје, но и нам, на сите скопјани. И на овој 13 ноември 2022 година можеме и вака да се сеќаваме на тој 13 ноември, читајќи ги зборовите на Гане Тодоровски: „Мојот град го отпочна својот нов живот во оној замаглен и подзаснежнет бурен ден, ноемвриски ден, тринаесети по ред, во годината 1944, кога за првпат во историјата на неговите улици зачекори Слободата. Оттогаш па наваму живее Скопје живот на забревтан, заитан, полн со енергија град, затоа што во таа разгрната живеачка се заложени животите на недоброј негови најчисти вљубеници, гладни за живот, жедни за слобода.” Искрено се надевам дека и ние досега сме дале свој печат во раснењето на Скопје. Дека и ние сме некои гладни за живот и жедни за слобода. Впрочем, потврда за тоа е и оваа награда, нагласи Мојсова-Чепишевска, на која наградата „13 Ноември” ѝ е доделена за монографската публикација „Конески како тестамент” и континуираните остварувања во областа на културата.

Изразувајќи благодарност за признанието од името на добитниците, таа истакна дека наградата „13 Ноември” и ги обврзува на уште поголем, и личен и општествен влог во периодот што доаѓа.

– Наградата е наша обврска за работење за уште подобро Скопје. Само така ќе можеме со мирно срце да им го оставиме на нашите деца, за и тие да го сакаат и унапредуваат. И да ја умножат нашата страст за поубаво Скопје, нагласи Мојсова-Чепишевска.

Во обраќањето, таа потсети и на книжевното Скопје, од творештвото на Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ и Томислав Османли. Но, и на стиховите од музичките нумери посветени на главниот град. Започнувајќи со „Зборувај ми за Скопје” од Нина Спирова, со: „никогаш не заборавај / дека најсреќен си само дома” и завршувајќи со стиховите од песната „Ова е само наше Скопје” на Владо Јаневски: „ова е само наше Скопје, / тука ни е сè / овде сè дури сме живи / ќе се враќаме.”

Мојсова-Чепишевска имаше и личен, емотивен дел на обраќањето, во кој се осврна на својата повраност со Скопје.

– Го сакам градот. Го сакам Скопје. Секогаш ме возбудува она обично градско секојдневие кое ми го открива чудесното во смисла и на онаа бодлеровска или аполинерова потрага по новото и непознатото. Го сакам и она книжевно и уметничко Скопје т.е. Скопје што живее во книгата и во уметноста, Скопје е мојата ДНК, посочи професорката, осврнувајќи се и на скопското детство и скопската младост поврзани со некогашниот Дом на младите „25 Мај”, сега Младински културен центар, навивањето за „Вардар”, кои се и дел од величенствените скопјани за 2022 година, школувањето и работењето во главниот град.

„Скопје, Те гушкаме..” – беа зборовите со кои добитничката на наградата „13 Ноември”, емотивно го заврши своето обраќање, посветено не само на наградата, туку и на родниот град.

Слични содржини