Сараево, Загреб и Белград вчера повторно се најдоа на листата на најзагадени големи и главни градови во светот, според податоците на порталот „IQAir“.
Сараево вчера утрото беше на првото место на листата на најзагадени градови, а квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина е оценет како нездрав со индекс на квалитет 172.
Главниот град на Хрватска е на трето место, а индексот на квалитетот на воздухот утринава изнесува 164 и е оценет како нездрав.
Меѓу најзагадените градови во светот е главниот град на Србија, Белград, кој е на шестото место со индекс на квалитет на воздухот 157.
Меѓу другите најзагадени градови се индиските Мумбаи, Делхи и Калкута, како и Вроцлав (Полска), Берлин (Германија), Софија (Бугарија) и Амстердам (Холандија).
Швајцарскиот „IQAir“ има повеќе од 10.000 мерни станици и го прикажува квалитетот на воздухот ширум светот.
Во текот на зимската сезона во Сараево и некои градови во Босна и Херцеговина, дозволената концентрација на лебдечки честички се надминува речиси секој ден.
Најголеми причинители на загадувањето се индустриските постројки, сообраќајот, согорувањето на отпадот и индивидуалните горилници.