Коментирајќи ја изјавата на министерот за економија, Крешник Бектеши дека се прават напори од 1 јануари да нема поскапувања на струјата и дека поевтино е да увеземе струја, отколку да работи ТЕЦ Неготино, професорот Константин Димитров, кој е стручњак за енергетика, за „Локално“ вели дека може да имаме струја по досегашната цена, но со подигање на кредити од надвор.
Тој е убеден дека државата подолго време нема да може да го стави ТЕЦ Неготино во погон и дека затоа е принудена да купува струја.
– Зависи секогаш каков договор ќе се направи. Незнам какви можности имаат да направат договори со ТЕ-ТО Скопје. За да направат договор тие купуваат гас. Која е цената на гасот, каков договорот прават, преку кого – незнаеме. Ако работи ТЕЦ Неготино треба да работи на мазут, ама ТЕЦ Неготино е расипано и ќе треба долго време да го поправат и затоа вака е поефтино. Според мене, не може да го пушаат ТЕЦ Неготино во погон, има сериозен дефект и затоа мора да направат договор со ТЕ-ТО Скопје, а дали ќе поскапи или не зависи колку државата ќе земе пари од надвор, ќе му даде на Електро-стопанство да може да плаќа за поскапото производство на ТЕ-ТО Скопје“, вели професорот.
Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска кажа дека граѓаните треба да бидат спокојни оти во континуитет ќе бидат снабдувани со електрична енергија. Тој рече дека залихи на мазут има, и граѓаните не треба да стравуваат, а се прават и сите калкулации да нема поскапување на струјата од 1 јануари.
– Сега е поевтино да увеземе струја, отколку да работи ТЕЦ Неготино. Во моментот кога ќе биде спротивно, капацитетот веднаш ќе се вклучи во работа. Ако ја земеме предвид цената на мазутот моментално, цената на производство на електрична енергија по мегават час од страна на ТЕЦ Неготино излегува некаде 240 до 245 евра, а ако увеземе, претходната недела увезувавме со 205 евра по мегават час, зборувам за просечна цена, не за дневна, неделна, месечна… Се прават калкулациите од 1 јануари да нема зголемување на цената на електрична енергија за домаќинствата, а најверојатно би имало и намалување за малите потрошувачи”, истакна министерот, одговорајќи на новинарски прашања.
Инаку минатата недела проблеми имаше и со парно греење без кое останаа домаќинства, училишта, градинки, здравствени установи од Чаир, Бутел и Топанско поле поради тоа што не беше потпишан договорот за деловно техничка соработка меѓу топланата Скопје-Север и АД ЕСМ. По еден ден поминат без парно проблемот привремено беше решен со тоа што се обезбедени пари за набавка на гас за топланата Скопје Север за следните 10 дена.
Бектеши деновиве потврди дека уште нема одлука за тоа дали по 15 ноември топланите во Скопје ќе работат на природен гас или на дизел, но им порача на скопјани да бидат спокојни оти ќе имаат парно. Тој нагласи дека секоја топлана, вклучувајќи ја и ТЕ-ТО која е когенертивна постројка во приватна сопственост, треба да има алтернативно гориво освен она кое го има како главно гориво за производство на топлинска или на електрична енергија.
Професорот Димитров за „Локално“ вели дека за државата поефтино е ако обезбеди парно со купување гас, но и тој нема дилеми дека скопјани ќе имаат парно.
„Мора да обезбедат. Избори може да дојдат и одат кон тоа по било која цена да обезбедуваат, ќе позајмуваат пари, ќе купуваат гас или, алтернатива, дизел гориво кое е поскапо. Ако купат гас ќе биде поефтино, зашто ќе работи ТЕ-ТО Скопје, ако не работи ТЕ-ТО, ќе купат дизел, а тоа е прескапо, вели професорот Димитров.
Инаку ЕСМ се уште нема поднесено барање до Министерството за животна средина за измена на дозволата, за да може да користи и дизел во топланите. Ако се дојде до ситуација, да мора да се употребува ова гориво, постапката за промена на дозволата е 90 дена. Сепак од ЕСМ уверуваат дека процесот може да биде пократок, без да откријат како може да се случи тоа. Велат дека дизелот е многу подостапен од мазутот, но тврдат, без да ги обезбедат сите потребни документи нема да почнат со неговата употреба.
М.С.М.