Курти: Договорот не е само за табличките, му даваме простор на европскиот предлог

од Stefanija Kuzmanovska

Нашата цел беше француско-германскиот предлог за нормализација, преку правно обврзувачки меѓународен договор со Србија, да стане прашање на преговори во Брисел, кон постигнување договор, кој е нормален и демократски, изјави во парламентот косовскиот премиер Албин Курти, додавајќи дека „Косово не го променило ставот, туку Жосеп Борел“.

Курти, пред пратениците во Собранието на Косово, од средата навечер во Брисел презентираше дел од деталите од договорот меѓу Косово и Србија и посочи дека прашањето за регистарските таблички е техничко, но „последиците се повеќе од политички “, пренесува РТК.

„Ми беше понуден документ, како заеднички договор кој имаше 95 зборови, а зборовите на Франција и Германија ги немаше никаде и не се однесуваше на француско-германскиот предлог, освен за прашањето за регистарските таблички“, пренесе Курти детали од разговорот во понеделникот.

„Во меѓувреме, документот од средата има 194 зборови, сосема е различно. Тие што велат дека тоа што не се прифаќа во понеделник се прифаќа во среда, не знаат за што зборуваат. Изјавата на Борел е сменета, но ние не го сменивме ставот. Борел ја смени изјавата“, повтори Курти неколку пати.

Според него, процесот на дијалог за првпат влегува во фаза на преговори за општата рамка, која ќе биде правно обврзувачка и ќе решава суштински проблеми од перспектива на меѓународното право.

Курти нагласи дека договорот од средата не се однесува само на регистарските таблички.

„Се договоривме реципрочно да ги прекинеме дејствијата, така што нема да издаваме казни за регистарските таблички за КМ и ќе им дадеме простор на преговорите за европскиот предлог, кој претходно го нарековме француско-германски предлог“, заклучи Курти.

Слични содржини