Со дуелот меѓу Велс и Иран беше отворено 2. коло на Светското првенство во Катар. Откако не сакаа да ја пеат својата национална химна на отворањето против Англија, иранските фудбалери беа под лупа на јавноста.
Овојпат фудбалерите ја пееја иранската химна, но навивачите повторно ја испратија со громогласни свирежи. Посебно беше емотивно да се видат неколку навивачи кои не можеа да ги задржат емоциите, неутешно плачеа и уште еднаш потсетија на актуелните проблеми во Иран.
Пред оваа средба иранските репрезентативци дознале непријатни вести, локалната полиција го уапсила познатиот фудбалер Вори Гафури поради „навреда на фудбалската репрезентација и пропаганда против власта“.
Режимот испрати предупредување до фудбалерите?
Се чини дека тоа беше предупредување за иранските фудбалери, но и своевидно предупредување за тоа што ги чека по враќањето во татковината, доколку продолжат да го критикуваат режимот.
35-годишниот Гафури долго време е трн во око на иранскиот режим. Јавно ги критикуваше нивните одлуки, а не толку одамна му изрази поддршка на семејството на Махса Амини, 22-годишната девојка која почина во затворот на моралната полиција.
Таму завршила затоа што го прекршила строгиот ирански кодекс на облекување за жените, што предизвика масовни протести низ целата земја кои траат подолго време.
Токму ова беше причината иранските фудбалери да не ја пеат својата национална химна на натпреварот против Англија. Со ова тие испратија силна порака до светот, а ниту трибините не останаа неми на овој проблем.