Претседателката на Косово, Вјоса Османи, пред почетокот на Самитот на ЕУ – Западен Балкан во Тирана изјави дека ќе ги информира лидерите на Европската унија (ЕУ) дека нејзината земја ќе поднесе барање за членство во ЕУ до крајот на годината, јавува „Анадолија“.
Изразувајќи го своето задоволство за учеството на самитот во главниот град на Албанија, Османи го оцени самитот како многу важна обврска и на ЕУ и на Западен Балкан, пренесуваат медиумите од регионот.
Претседателката на Косово рече дека таа е лидер на најпроевропската земја што постои.
„Ја покажавме нашата посветеност на ЕУ и вредностите на ЕУ во секоја акција што ја преземаме во оваа насока. Особено кога станува збор за 100 отсто усогласеност со ЕУ во секоја надворешнополитичка и безбедносна одлука, како и санкции кон Русија, адаптација, отфрлање на какво било лошо влијание на фактори како Русија и Кина“, рече Османи.
Според неа, Европската унија треба да премине од зборови на дела во однос на либерализацијата на визите за граѓаните на Косово.
„Како што знаете, денеска пред сите лидери на ЕУ ќе објавам дека Косово до крајот на оваа година ќе поднесе барање за членство во Европската унија и секако се надеваме на целосна поддршка од членките на ЕУ“, изјавија претседателката на Косово.