Белорусија започна ненајавена проверка на борбената готовност на своите војници, соопшти утрово белоруското министерство за одбрана.
„Ќе се работи за активности од сеопфатен карактер. Единиците ќе треба да бидат префрлени во одредени области што е можно поскоро, да се организира заштита и одбрана и да се изградат мостови над реките Неман и Березина“, објави белоруското министерство, а пренесува Sky News.
Ќе се организира преместување на воена опрема и персонал, а по одредени патни правци ќе биде ограничен сообраќајот.
Белорусија веќе неколку пати навести дека може да се вклучи во конфликтот во Украина како сојузник на Русија. Меѓутоа, воените аналитичари сметаат дека тешко дека претседателот Александар Лукашенко навистина ќе се реши на тој чекор.
Вчера Институтот за проучување на војната (ISW) во својата анализа за ситуацијата во Украина изјави дека Русија се повеќе се обидува да манипулира со својот сојузник – Белорусија.