Германија: Развојот на соларни автомобили на работ на колапс

од Vladimir Zorba
315 прегледи

И покрај релативно високиот интерес, компанијата е во финансиски проблеми.

Производот е подготвен, што значи дека електричен автомобил со солидни перформанси и значителен потенцијал за користење на сончевата енергија е подготвен за производство. Конкуренција речиси и да нема, особено кога ќе повториме дека планираната цена е 25.000 евра. Ова беше потврдено со повеќе од 20.000 добиени резервации.

Сепак, сето ова очигледно не е доволно. Според основачите Јона Кристијанс и Лорин Хан, тие не успеале да соберат доволно пари за безбедно да започнат со производство. На официјалната веб-страница објавија видео во кое потврдуваат дека потфрлиле во проектот за првиот соларен автомобил. Доколку нешто не се промени, ќе мора да го прекинат проектот за автомобили и да отпуштат поголем дел од работната сила, пренесе „Index“.

„Ни велат да не ја градиме колата, да ја реструктуираме компанијата и да отпуштиме 70 отсто од нашите луѓе“, објавуваат на веб-страницата и објаснуваат дека враќањето пари и завршувањето на проектот не е опција за нив.

Затоа започнуваат кампања во која во наредните 50 дена сакаат да соберат уште 3.500 резервации од кои секој нов заинтересиран ќе добие попуст од 3.000 евра. За потсетување, автомобилот е со цена од 25.000 евра.

Истовремено, не се двоумат да побараат донации, заеми и каква било друга форма на финансиска помош. Ако соберат доволно пари, тоа „ќе предизвика позитивен домино ефект“.

Да потсетиме, компанијата во септември објави дека добила 20.000 резервации, а секоја плаќала во просек по 2.000 евра.

Sono Sion е т.н првиот соларен автомобил. Има електричен погон со моќност од 163 КС (и 270 Nm), батерија со капацитет од 54 kWh, а соларни ќелии му овозможуваат дополнителен опсег од 112 до 245 km.