Рускиот претседател Владимир Путин денеска во разговор со својот белоруски колега Александар Лукашенко во Минск изјави дека неговата земја е подготвена да развие нуклеарни проекти во Белорусија, како и да ја прошири воената соработка.
„Градиме нуклеарна централа. Првиот блок работи, заменува околу 4,5 милијарди кубни метри гас. Подготвени сме дополнително да го развиваме овој проект, но, според мене, најважно е да се создаде индустрија, да се обучат националните кадри, да се развие науката на соодветен начин“, рече Путин, пренесува РИА Новости.
Како што истакна, соработката меѓу Русија и Белорусија во воено-техничката сфера не се однесува само на набавка на опрема, туку и на заедничка соработка на двете армии.
„Постои насока поврзана со воено-техничка соработка. Тоа не се само меѓусебни испораки на оружје и опрема, туку она што е исклучително важно е заедничката работа, развој и соработка во оваа област, вклучувајќи го и развојот на високотехнолошката индустрија“, рече Путин.
Рускиот претседател изјави дека разговарале и за соработка во вселенскиот сектор и потсети дека Русија и Белорусија претходно најавиле обука на белоруски космонаут.
Путин: Белорусија е сојузник во вистинска смисла на зборот
Путин на средбата со Лукашенка рече и дека Москва и Минск не само што се добри соседи, туку имаат развиено и сојузнички односи, вклучително и економска соработка.
„Треба да се нагласи дека Белорусија не е само добар сосед, со кој соработуваме со децении, имајќи ги предвид меѓусебните интереси, туку и наш сојузник, во вистинска смисла на зборот“, рече Путин.
Тој додаде дека на таа основа се решаваат сите прашања, вклучително и економските.
„Во последно време посветивме многу внимание на безбедносните прашања и соработката на меѓународната сцена. Генерално, треба да бидеме задоволни од начинот на кој се градат нашите односи“, рече Путин.
Лукашенко рече дека Минск и Москва се отворени за дијалог со Европа и очекуваат дека наскоро ќе биде можно да се започне конструктивна дискусија со европските земји за идниот светски поредок.