Принцот Хари во својата нова автобиографија откри дека неговиот брат Вилијам го нападнал во Лондон во 2019 година, по расправија за неговата сопруга Меган Маркл.
Како што пренесува Гардијан, Хари во книгата раскажува како што вели дека бил физички напад од неговиот брат Вилијам, сега принц од Велс, и тоа време кога двајцата се оддалечиле поради бракот на помладиот принц со актерката Меган Маркл.
Опишувајќи ја конфронтацијата во неговиот дом во Лондон во 2019 година, Хари вели дека неговиот брат Вилијам ја нарекол Меган „тешка“ и „непристојна“, што тој рече дека е повторување на она што медиумите го напишале за неговата сопруга.
„Во нашата куќа во Лондон избувна расправија во 2019 година, му реков дека се однесува нерационално и тој ја нарече Меган тешка, непристојна и кавгаџика. Му кажав дека како папагал ми го повторува тоа што печатот го пишува за неа, а потоа тој почна да вика по мене“, се сеќава принцот.
Принцот тврди дека конфликтот набрзо ескалирал и дека Вилијам „го фатил за крагњата, му го скинал ѓерданот и го соборил на подот“.
„Ме фати за крагњата, ми го скина ланчето и ме фрли на земја. Паднав на садот за вода на нашето куче, кој се скрши. Имав видливи повреди, модринки и исеченици од парчиња сад, на грбот. Лежев зашеметен на подот, а потоа станав и му реков да излезе“, напиша принцот Хари.
„Вилијам ми одговори – ајде, возврати ми. Така се каравме кога бевме деца. Одбив и тој си замина, малку подоцна се врати и се извини. Тој се сврте на излезот и ми рече дека Меган не треба да знае за инцидентот. Прашав, дали мислиш на нападот? Тој ми одговори дека не ме нападнал“, напиша тој.
Принцот Хари понатаму пишува дека првично не ја информирал Меган за нападот, туку прво го повикал својот терапевт. Меган Маркл дознала за тепачката дури кога ги забележала повредите на неговиот грб.
Оваа сцена е една од многуте во автобиографијата на принцот Хари, која ќе биде објавена ширум светот следната недела. „Не гледам како Хари и Вилијам ќе можат да се помират после ова“
Книгата на војводата од Сасекс, насловена „Резерва“, треба да биде објавена на 10 јануари – само четири месеци по смртта на кралицата на 8 септември. Насловот на мемоарите потекнува од една стара поговорка во кралските и аристократските кругови – првиот син е наследник на титулата, моќта и богатството, а вториот е резерва, ако нешто му се случи на првородениот.
Издавачот Penguin Random House вели дека книгата на Хари се очекува да содржи експлозивен нов материјал за детството на Војводата и неговиот раскол со фирмата по средбата со Меган.
„Мислам дека книгата ќе биде полоша за нив отколку што очекува кралското семејство. Сè е соголено. Чарлс ќе помине подобро од очекуваното, но на Вилијам му е особено тешко, па дури и Кејт ќе биде спомната. Има ситни детали и описи на кавги меѓу браќата. Не гледам како Хари и Вилијам ќе можат да се помират после ова“, изјави за The Sunday Times извор запознаен со содржината на мемоарите.